Проф. д-р Емилија Јаневиќ-Ивановска, редовен професор на Факултетот за медицински науки, доби престижна награда за франкофонија од Националната академија за фармација на Франција.
Наградата на Националната академија за фармација на Франција се доделува секоја година на еден професор - франкофон, врз база на неговата долгогодишна професионална и научноистражувачка дејност и активност во областа на фармацијата.
За 2019 година проф. д-р Емилија Јаневиќ-Ивановска беше предложена од страна на Одборот за номинација и избрана од страна на Академијата. Ова престижно признание за првпат го добива претставник од нашата земја.
Наградата ѝ беше врачена од страна на професор Кристијан Гарбеј, претседател на Академијата за 2019 г. На церемонијата на доделувањето од страна на Академијата беше поканета и Н.Е. амбасадорката на Република Северна Македонија, госпоѓа Јадранка Чаушевска-Димов.