Минатата недела во најреномираното светско списание од областа на аналитичката хемија, списанието „Analytical Chemistry“ (издание на American Chemical Society) IF = 6.35, е публикуван труд од автори на научните групи за електрохемија на професорот Валентин Мирчески (ПМФ - Скопје) и на професорот Рубин Гулабоски (УГД - Штип).
Во трудот со наслов „Differential Square – Wave Voltammetry“ е претставена нова електрохемиска техника и нејзините можности за сензитивни аналитички и кинетички определувања и кај органски и кај неоргански соединенија.
Волтаметријата е една од техниките што е неизоставен дел на секоја хемиска и биохемиска лабораторија. Нејзината примена во студирањето на механизмите на хемиските реакции, процесите на апсорпција, интеракциите на лековите и на механизмите на ензимско-супстратните реакции овозможуваат оваа техника да се користи интензивно во хемијата, биологијата, медицината, фармацијата, науката за материјали, заштитата на животната средина и во многу други области.
За потсетување колку е голема важноста на електрохемијата е да напоменеме дека годинашната Нобелова награда од областа на хемијата е доделена за научници што работеа на дизајнирање на литиум-јонските батерии, што е една од областите на електрохемиските и волтаметриските истражувања. Новата техника „Differential Square – Wave Voltammetry" се очекува наскоро да биде имплементирана во комерцијалните електрохемиски системи, со што сензитивноста на волтаметриските техники драстично ќе биде зголемена. Треба да се напомене дека членовите од двете групи на професорите Мирчески и Гулабоски во последните 18 месеци имаат публикувано повеќе од 20 трудови во списанија со импакт фактор, поврзании со нови теории во волтаметриски услови, со што тие даваат огромен придонес во светски рамки за развојот на теориите за волтаметриските техники.
Пристап до трудот во Analytical Chemistry е овозможен преку https://pubs.acs.org/doi/abs/10.1021/acs.analchem.9b03035