Студентите од насоката Дентална медицина на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип ја продолжија традицијата на успешна организација на Симпозиум по дентална медицина.
Овој симпозиум го имаше своето осмо издание со учество на врвни имиња од областа на денталната медицина од државата и пошироко.
- Во организација на ФМН и оваа година по осми пат го организираме Симпозиумот за дентална медицина со наслов „Мултидисциплинарен пристап во стоматолошката практика“, каде што имаме поканети предавачи од странство, како и од нашиот факултет. Секоја година учествуваме во едукација на стоматолози од Македонија. Настанот е акредитиран од стручната комисија при Стоматолошката комора со осум бода за пасивно учество и 12 за предавачите. Задоволни сме од присуството на колегите стоматолози, исто така имаме доста присутни наши студенти и мислам дека на крај на овој ден, по сите презентации и предавања, секој што ќе замине одовде ќе има некоја корист, искуство, споени науката со праксата преку она што ќе го пренесат нашите предавачи – изјави проф. д-р Киро Папакоча од Катедрата за дентална медицина на ФМН.
Симпозиумот е важен за студентите и не само што тие активно се вклучени во неговата организација, туку учествуваат и на други конгреси, летни школи, на кои треба да презентираат, да направат некое истражување или пак да учествуваат на некои работилници и ова е драгоцено искуство за нив.