Студентите на Факултетот за медицински науки од насоката Забни техничари денес првпат ја користеа опремата што е на располагање на Факултетот, како дел од нивната практична настава.
Станува збор за современа опрема, која е според врвните достигнувања од областа на медицината.
- За првпат се изведува практична настава за студенти на системот каткам. Тоа е систем за дигитално добивање на протетски надоместоци кои претставуваат прецизни естетски и функционални надомести кај пациенти кои поради некоја причина ги имаат загубено или им недостасуваат делови од забите. Се работи за најсовремен тип на опрема што се состои од неколку дела, а тоа се скенер, компјутер за дизајн и глодалка за дефинитивна изработка на конструкциите. Машината користи најразлични типови на материјали, како титаниум, цирконија, а може и пластика и восок - изјави Павле Апостолоски, асистент на Факултетот за медицински науки.
Студентите се задоволни што ја имаат оваа можност да користат ваква опрема и се согласуваат дека ова значително ќе помогне во нивното образование.
- Нам студентите ни е посебно задоволство што на нашиот факултет добиваме искуство со новата апаратура, што се употребува во забната техника и што ќе се користи во нашата професија - изјави Верица Чукарска, студентка на ФМН.
Факултетот за медицински науки располага со исклучително современа опрема речиси во сите области и очекувано е во иднина оваа опрема да се стави во функција и на граѓаните.