Како дел од одбележување на неделата на борбата против глаукомот, Факултетот за медицински науки изврши бесплатни офталмолошки прегледи за сите студенти и вработени на УГД.
- Денес се прегледаа преку 150 студенти и вработени. Задоволни сме од бројот на студенти кои дојдоа денес. За нас е исклучително важно што студентите заедно со нас професорите ја користат оваа исклучително современа опрема што ја ставаме во функција на граѓаните - изјави д-р Страхил Газепов.
Заедно со професорите, диоптрија и очен притисок мереа и студентите на Факултетот за медицински науки.
- Денес и ние се вклучивме во прегледите со цел да ги направиме овие превентивни прегледи кои се од големо значење за рано откривање на глаукомот - изјави Тања Андонова, студентка на ФМН.
Од Факултетот за медицински науки изјавија дека сѐ почесто ќе се одржуваат вакви настани кои ќе ја ставаат во функција опремата на факултетот, која е една од најсовремените.