Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип (УГД) се најде меѓу водечките академски институции во Македонија, благодарение на достигнувањата на професорите и научниците кои се дел од престижните листи на Универзитетот „Стенфорд“ за највлијателни научници.
Според најновите листи на престижниот „Стенфорд“, УГД се најде на листата преку проф. д-р Рубин Гулабоски, кој е вклучен во листата на 2% највлијателни научници на сите времиња и за 2023 година.
Професорот Гулабоски од Факултетот за медицински науки при УГД е еден од најистакнатите македонски научници, кој главно работи во областа на теоретската биоелектрохемија. Неговата работа е од особено значење за развојот на сензори за аналитичка примена во медицината, како и истражување на електрохемиските активности на лекови и ензими. Благодарение на неговиот труд и научни достигнувања, УГД добива глобално признание во академската заедница.
Во контекст на македонските научни достигнувања, УГД се наоѓа на исто ниво со неколку други водечки македонски универзитети кои придонесуваат за глобалната научна сцена. Професорот Гулабоски не е единствениот македонски научник на листата; со него се и други истакнати професори, како академик Валентин Мирчески и професорот Кимет Јусуфи, кои исто така се дел од листите на „Стенфорд“ за 2023 година.
На листата на „Стенфорд“ за најцитирани научници за претходната 2023 година, Македонија е застапена со рекорден број научници во досегашните рангирања: Кимет Јусуфи, Веланд Рамадани од Штуловиот универзитет, академик Љупчо Коцарев, Биљана Петровска-Бауер од Фармацевтски факултет при УКИМ - Скопје, академик Леонид Грчев, Гоце Спасовски од Медицинскиот факултет (Клиника за нефрологија) при УКИМ , Билјана Стојкоска од ФИНКИ при УКИМ, Рубин Гулабоски од Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, академик Валентин Мирчески од ПМФ при УКИМ, како и починатиот академик Ратко Јанев се научниците кои се најдоа и на листите на Универзитетот „Стенфорд“ за најцитирани 2% научници за 2023 година.
Македонија на листата на 2% највлијателни светски научници е застапена со 9 научници (што се помалку од 0,2% од вкупниот број активни научници во Македонија во моментов), на листата на „Стенфорд“ се наоѓаат повеќе од 100 научници од Србија и од Словенија, повеќе од 80 научници од Хрватска и од Бугарија, повеќе од 200 научници од Грција. Од државите во регионот, Македонија е подобра, според оваа листа на „Стенфорд“, од Босна и Херцеговина која е застапена со 8 научници, од Црна Гора која е застапена со тројца научници, како и од Косово и од Албанија (од двете држави нема научници застапени на листата на „Стенфорд“). Очекувано, најголем број од највлијателните светски научници работат во Соединетите Американски Држави, Јапонија, Кина, Германија, Русија и Канада.
Ова претставува значајно признание за Универзитетот „Гоце Делчев“ и за Македонија во целина, која, и покрај ограничената поддршка за научни истражувања, успева да генерира влијателни и цитирани научници на глобално ниво.