Организациониот одбор на Третиот студентски конгрес на Општа медицина (СКОМ2024), кој се одржа на 17 и 18 мај оваа година во Мултимедијалниот центар при Универзитет „Гоце Делчев “- Штип, ја објави својата Книга на апстракти во кои се запишани 75 оригинални научни трудови на професорите и студентите.
На третиот по ред СКОМ оваа година учествуваа околу 40 врвни професори и доктори кои се претставија со свои предавања и работилници за најновите теми и процедури во медицината. На Конгресот покрај еминентните професори, можност за усни презентации имаа и студентите на медицина од сите факултети во државата, прикажувајќи ги своите научноистражувачки трудови заедно со своите ментори.
Книгата на апстракти е достапна за сите кои се заинтересирани, студенти, млади лекари, професори и асистенти, а истата може да се најде на официјалната страница на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Факултет за медицински науки и социјалните мрежи на СКОМ.
Конгресот имаше за цел надополнување на знаењето на студентите на медицина и запознавање со најновите методи и протоколи за лекување. Во текот на дводневниот настан тие имаа можност и практично да научат методи на интубација, ресусцитација, хируршко шиење, апликација на терапии и извршување прегледи. Ваквиот настан е предвиден да прерасне во традиција и да се одржува секоја година на УГД.