Во рамки на практичната настава за предметот Аналитика на лекови, студентите од четврта година на студиската програма Фармација на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип имаа можност да ја посетат лабораторијата во состав на Тренинг центарот на „Алкалоид“ АД Скопје, каде што испитуваа параметри од спецификација за квалитет на готов производ, таблети.
Придружувани од предметните асистенти, заедно со тренинг ментори од „Алкалоид“ АД Скопје, студентите по фармација активно се вклучија во испитување на квалитет на лек, применувајќи повеќе аналитички техники, меѓу кои течна хроматографија под висок притисок, испитување на растворливост и спектрофотометриска анализа. Оваа практична настава овозможи студентите да ги надградат своите вештини за интерпретација на добиените резултати, да добијат претстава за работата во реалниот сектор и работата во лабораторија за испитување и контрола на лекови.
Соработката помеѓу студиската програма Фармација на Факултетот за медицински науки и „Алкалоид“ АД Скопје покажува дека заедничкиот влог во идните кадри е од исклучително значење за подобрување на компетенциите на идните фармацевти.