Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип беше домаќин на проф. д-р Драган Миленковиќ од North Carolina State University, кој пред студентите и академскиот кадар одржа стручно предавање посветено на здравствените ефекти од полифенолите и современите пристапи во прецизната исхрана.
Гостувањето беше реализирано по покана на проф. д-р Татјана Рушковска, а во коорганизација со Студентското здружение за молекуларна медицина (MMSS) и Студентски организираната медицинска асоцијација (СОМА).
Во рамки на предавањето на тема „Health properties of polyphenols on (neuro)vascular function and related cardiometabolic and cognitive dysfunctions and underlying molecular mechanisms using nutrigenetics/nutrigenomics: path to precision nutrition“, проф. д-р Миленковиќ ги презентираше најновите научни сознанија за биолошки активните соединенија од растително потекло и нивното влијание врз невроваскуларната функција, кардиометаболните нарушувања и когнитивното здравје.
Посебен осврт беше даден на молекуларните механизми преку кои полифенолите придонесуваат за намалување на инфламаторните процеси, оксидативниот стрес и ендотелната дисфункција. Професорот го истакна значењето на нутригенетиката и нутригеномиката како современи научни дисциплини што овозможуваат развој на персонализирани нутритивни стратегии врз основа на индивидуалниот генетски профил.
Според него, интеграцијата на молекуларната медицина и прецизната исхрана отвора нови перспективи за превенција и третман на хронични заболувања, како и за унапредување на когнитивните функции и квалитетот на живот.
Настанот се одржа на 26 февруари 2026 година и претставуваше значајна можност за продлабочување на знаењата, поттикнување на научната љубопитност кај студентите и зајакнување на меѓународната академска соработка.



